За проектот
Византиските монашки центри во РС Македонија
традиција и континуитет
Административен број на проектот: бр. 15-6632/12 од 24.07.2025
Научноистражувачкиот проект Византиските монашки центри во РС Македонија : традиција и континуитет, претставува мултидисциплинарен проект чија цел е да го проследи карактеристичните манифестации на материјалната и духовна култура поврзани со конкретен топос. Согледувајќи ја богатата стратиграфија на културните напластувања на тлото на Македонија, а со цел да се проследи континуитетот и еволуцијата на културните процеси, поставени се широки хронолошки рамки за нивното согледување – од антиката па се до времето на перодбата. Главниот акцент во проучувањето на манастирските центри ќе биде поставен на комплексните еволутивни процеси на културата, кои јасно можат да се согледаат преку селектираните манастирски центри, како главни носители на културата во средновековието. Со истражувањата предвидено е да бидат опфатени манастирите: Св. Пантелејмон / Св. Климент – Плаошник; Успение на Пресвета Богородица – Трескавец; Св. Никола, с. Манастир – Мариово; Св. Преображение – Зрзе; и Св. Димитрија – Чебрен. Примарен критериум за селекција на наведените монашки центри е нивната позиционираност на локации каде се бележи човечкото присуство од времето на антиката, преку ранохристијанскиот и средновековниот период, па до денес. Воедно, сликарските дела кои се наоѓаат на ѕидовите на манастирските цркви, како и иконите, претставуваат неодминливо поглавје во антологијата на византиската уметност. Имајќи предвид дека овие манастири биле најзначајните духовни, културни и уметнички жаришта во средновековието, очекувано е нивното значајно место во народната традиција, како во минатото така и денес.
Иако дел од историските и културните аспекти на овие споменици биле предмет на научен интере, проблематскиот пристап и мултидисциплинарната методологија која е дефинирана во овој предлог-проект, го издвојува од сите досегашни истражувања. Имено, преку продлбочените истражувања од аспект на археологијата, историјата на ументоста, историјата на јазикот и етнологијата кои ќе се спроведат во рамките на овој проект ќе се создаде поцеловита слика за социјалните, економските, градителските, уметничките и духовните процеси кои се одвивале на овие значајни пунктови во период повеќе од два милениуми. При тоа со истражувачките активности не само што ќе се добијат сознанија за посебните фази од егзистенцијата на манастирските центри, туку, воедно ќе се стекне стекне општа слика за цивилизациските процеси кои се одвивале на пошироката географска територија на Македонија, како и во Балкански и источномедитерански контекст.
Истражување
Археологија
Во рамките на проектот, археолошките истражувања ќе се реализираат со примена на најсовремени и најмалку неинвазивни техники, со цел да се зачува интегритетот на манастирските комплекси и нивната непосредна околина.
Најнапред, геомагнетните снимања ќе се користат за регистрирање на подземни аномалии кои можат да упатат на постоење на претходни градбени фази, ѕидови, темели, патеки или други структури. Овој метод се заснова на мерење на магнетните својства на почвата и на материјалите во неа, а овозможува мапирање на археолошките остатоци без физичко ископување. Дополнително, ќе бидат применети георадарски снимања (Ground Penetrating Radar – GPR), кои користат електромагнетни бранови за да испитаат подземни структури. Овој метод е особено ефикасен за откривање на слоеви со различна густина и состав (ѕидови, подови, гробни конструкции, канали), како и за добивање на прецизна слика за длабочината и стратиграфијата на просторот без ископување. Очекуваните резултати од георадарот се висококвалитетни вертикални и хоризонтални пресек-слики кои ќе овозможат прецизно моделирање на подземните остатоци и нивно споредување со резултатите од геомагнетните и ЛИДАР истражувањата.
Паралелно, ќе се применат ЛИДАР (Light Detection and Ranging) снимања, кои преку ласерски зраци и геопросторна обработка ќе овозможат создавање на тридимензионални модели на теренот со висока резолуција. Оваа метода е во насока да се откријат структури, патни траси, граници на комплексите и евентуални остатоци кои не се видливи поради вегетација.
Дополнително, ќе се реализира рекогносцирање на поширокиот географски простор околу манастирите, со цел да се идентификуваат населби и комуникациски траси од различни хронолошки периоди кои биле поврзани со култните центри. Оваа фаза ќе вклучи теренски прегледи, снимање со GPS и GIS-картографирање, за да се создаде мрежа на населените места, патиштата и природните ресурси кои влијаеле врз формирањето и функционирањето на манастирските комплекси.
Оваа интегрирана методологија ќе овозможи да се реконструираат не само архитектонските фази на манастирите, туку и поширокиот културен и економски пејзаж, како и динамиката на интеракција помеѓу духовните центри и околното население низ различни историски периоди.
Историја на уметноста
Примарна цел на истражувањата во рамките на историјата на уметноста е систематско проучување на архитектонските и уметничките вредности на манастирските комплекси, со особен акцент на манастирските цркви како главни носители на духовната и културната меморија. Покрај црквите, ќе бидат опфатени и останатите објекти во рамките на комплексите (конаци, трпезарии, ризници) како и подвижните предмети со уметничко значење – ѕидно сликарство, икони, литургиски предмети, графички дела и ракописи.
Целта е да се изработи детална хронологија на градбите и градежните интервенции во манастирите, да се определи датумот на настанување и авторството на сликарските програми, иконите и другите уметнички дела, како и да се создаде систематизиран преглед на уметничката продукција низ вековите. Овие објекти и дела се создадени во широк временски период – од 11 до крајот на 19 век, што им дава особена вредност како сведоци за културните и стилските текови на територијата на Македонија.
Истражувачките постапки ќе се одвиваат во два правци – класични методи на анализа и егзактни научни техники:
- Со иконографска анализа ќе се проучува изборот на теми, нивниот редослед и позиционирање во просторот, со цел да се согледаат богословските и литургиските концепти кои ги воделе ктиторите и уметниците. Ова ќе овозможи да се следи континуитетот и трансформациите на византиската и поствизантиската традиција.
- Стилско-ликовна и компаративна анализа ќе има за цел споредување на стилските карактеристики на ѕидното сликарство и иконите со други познати ателија и региони, ќе се изврши атрибуција и ќе се идентификуваат можни автори или работилници. Ова е особено важно за препознавање на мобилноста на уметничките работилници низ Балканот.
- Архитектонска документација со изработка на детални архитектонски цртежи и 3D модели на црквите и останатите објекти, со цел да се следат градежните фази и интервенции во различни периоди.
- Хемиски анализи на сликарските малтери и материјали со лабораториско испитување на составот на малтерите, боите и врзните материјали ќе се добијат податоци за технологијата на работа, изворите на материјали и нивната автентичност. Ова ќе овозможи разликување на различни фази на живописот и реставрациите направени низ вековите.
- Радиокарбонско датирање (C-14 анализи) ќе се применува за органските материјали (дрвени подлоги на икони, органски делови од малтери, парчиња текстил или хартија). Оваа техника ќе придонесе за прецизно утврдување на времето на создавање на одредени објекти и дела, што е особено важно таму каде што недостасуваат писмени извори или натписи.
Историја на јазик и книжевност
Посебен сегмент од проектот е насочен кон систематско проучување на историските натписи, записи, ракописи и старопечатени книги што произлегле од скрипториумите и печатниците поврзани со манастирските центри. Оваа област ќе биде обработувана преку методологијата на историјата на јазикот, палеографијата и кодикологијата, со цел да се осветлат книжевната продукција, културните врски и историската меморија што овие центри ја чувале и пренесувале.
Ќе бидат проучувани пишаните извори за манастирите: ктиторски натписи и записи врз живописот, иконите и литургиските предмети, помениците, проскомидиите, манастирските кодекси и ракописни книги. Преку овие извори ќе се добијат не само информации за историјата на самите манастири, нивните ктитори, уметници и духовници, туку и за регионот во којшто се лоцирани, неговите демографски, културни и црковни особености.
Истражувачките постапки ќе вклучуваат комбинација на класични и современи методи:
- Палеографска анализа – проучување на формата, стилот и развојот на писмото во ракописите и натписите, со што ќе се утврдат нивната хронологија, локалните или регионалните специфики, како и евентуалната припадност на одредени скрипториуми.
- Кодиколошка анализа – испитување на материјалот и структурата на ракописните книги (пергамент, хартија, подвезување, формат), како и организацијата на текстот (фолијација, рубрикација, илуминации). Ова ќе овозможи реконструкција на производниот процес и на односот на манастирите кон книжевното наследство.
- Текстолошка и јазична анализа – споредба на јазичните карактеристики (лексика, морфологија, синтакса) со други ракописи од регионот и пошироко, за да се откријат влијанија, заемки, дијалектски особености и културни врски.
- Истражување на маргиналии и записи – внимателно читање на сите помошни записи (датуми, имиња, дарители, белешки за настани) кои често се единствени извори за локалната историја.
- Дигитализација и обработка – сите ракописи, натписи и книги ќе се фотографираат со висока резолуција, ќе се обработат и дигитално ќе се архивираат, што ќе овозможи нивна заштита и пристапност за научната јавност.
Етнологијата и социјалната антропологија
Народната и современата традиција поврзана со манастирите кои се предмет на истражување ќе биде третирана како важен сегмент за разбирање на култниот, културниот и социјалниот живот околу овие свети места. Етнолошките и антрополошките истражувања ќе се фокусираат на систематско прибирање, обработка и анализа на преданијата, легендите, верувањата, локалните обичаи и култни практики што се поврзуваат со манастирите и нивната непосредна околина.
Посебно внимание ќе биде насочено кон: преданијата за основањето и историјата на манастирите; присуството на историски и легендарни личности во овие наративи; чудотворноста на манастирите и светите места (извори, дрвја, камења, пештери и др.); јавувањата на светителите и односот на верниците кон овие искуства; начините на празнување на манастирските слави, собири и поклонички патувања.
Истражувачките методи ќе опфатат:
- Теренски истражувања (етнографија на терен) – интервјуа со локалното население, собирање на усни преданија, снимање на сведоштва, аудио-визуелна документација на обредите, празнувањата и поклоничките патувања.
- Фолклористичка анализа – класификација и анализа на типологијата на преданијата, споредба со слични наративи од други региони, идентификација на мотиви и митолошки слоеви.
- Историско-антрополошки пристап – вкрстување на усните преданија со пишани извори, археолошки податоци и топонимски анализи за да се утврди нивната автентичност и историска основа.
- Документирање на материјалните траги на култот – фотографирање и геореференцирање на светите места во околината на манастирите (извори, дрвја, камења, пештери) и нивно поврзување со наративите за чудотворност.
- Антрополошка анализа на современите верски практики – набљудување на начинот на кој денес локалното население и посетителите од Македонија и други балкански земји го доживуваат и интерпретираат значењето на манастирите; следење на наративите што се „пренесени“, „проширени“ и „прилагодени“ на различни социјални контексти.
Архивски истражувања
Посебно значење за истражувањата ќе имаат архивските и историографските проучувања на документарната граѓа и фотографските материјали што ни ги оставиле постарите истражувачи, особено оние кои се однесуваат на периодот пред средината на 20 век. Ваквата документација претставува непроценлив извор за реконструкција на првобитната состојба на манастирските комплекси, нивната архитектура, живопис и културен живот во минатото, пред да настапат современите интервенции, оштетувања или обнови.
Истражувањата ќе опфатат систематско разгледување на ракописи, дневници, патеписи, извештаи, научни студии и стари фотографии создадени за време на истражувачките кампањи од почетокот на 20 век. Овие извори ќе овозможат да се следи развојот на научниот интерес за манастирите, да се идентификуваат тогашни состојби на објектите и нивната уметничка декорација, како и да се откријат податоци за претходно непознати градежни фази, предмети или уметнички дела.
Покрај тоа, предвидено е истражувачите да спроведат дополнителни архивски истражувања во повеќе регионални и меѓународни центри, со цел да се утврди постоење на досега непозната документација. Систематското споредување на податоците од различни извори ќе овозможи создавање на целосна историографска слика за истражувањата на манастирските комплекси и нивната улога низ времето, но и да се откријат можни траси на културни, уметнички и духовни врски меѓу манастирите и поширокиот регион.
Очекуван резултат од овој пристап е збогатување на базата на извори за македонските манастири, создавање на попрецизна хронологија на нивниот развој и подобро разбирање на историските и културните процеси кои се одвивале во и околу нив.
Реализатор
Реализатор
Јавна научна установа – Институт за старословенска култура – Прилеп врши научноистражувачка дејност од јавен интерес во областа на општествените и хуманистичките науки со цел да го прошири севкупното знаење и да ја промовира науката за историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ. Тој оспособува и усовршува кадар за научноистражувачка работа преку мотивирање, насочување и развивање на истражувачки способности кај младите, преку избор, прием и селекција на научна младина, како и преку постдипломски, докторски и други облици на обука. Воедно, Институтот ја подобрува и унапредува научноистражувачката инфраструктура во функција на својата дејност.
Во рамките на својата активност, Институтот:
- собира, систематизира, научно обработува, презентира и објавува материјали од значење за историскиот и културниот идентитет;
- организира истражувања во областа на етногенезата и културниот развој;
- организира и спроведува истражувања во областа на: историските науки (средновековна историја, византиска историја и национална историја на Средниот век); археологија (средновековна археологија и историја на археологијата); науката за јазикот – лингвистика (македонски, словенски и ономастика); историја на уметност (средновековна византиска уметност, средновековна национална уметност и национална уметност од османлискиот период); етнологија и етногенеза (етнологија на Македонија и фолклор); како и антропологија (културна и социјална антропологија).
- ги следи научните достигнувања во земјата и во странство во областите во кои ја врши својата научноистражувачка дејност;
- организира симпозиуми, научни собири, конференции и други манифестации во Република Македонија;
- учествува на симпозиуми, научни собири, советувања и слични настани во земјата и во странство;
- соработува со сродни институции и организации во земјата и надвор од неа.
